Вечерва во 20ч., во кристалната сала на Офицерски Дом Битола, ќе се одржи модната ревија „Бесконечност“/Infinity на креаторката Анастасија Зулевска. Сите љубители на модата можат да уживаат во новите модни креации.
* Влезот е бесплатен
*** Модна ревија „Бесконечност“/Infinity на креаторката Анастасија Зулевска, која 26 години неуморно твори и создава дела кои остануваат запаметени и по долги години. Бесконечност затоа што уникатните парчиња немаат рок на траење, немаат време и ограничување во изразот. Слободата на изразување дозволува да се истражат нови димензии, да се поместат веќе поставени норми и граници, сето тоа истражување може да трае бесконечно. Идејата и креативноста имаат бесконечно насоки во кои може да се твори. Бесконечноста поврзана со музика, затоа што музиката нема граници. Бесконечноста поврзана со спортот затоа што телото е способно постојано да се трансформира. Бесконечноста поврзана со модата како алатка за креативен израз на еден уметник, кој постојано може да проникнува и истражува можности за реализација на идејата како треба визуелно да изгледа еден човек.
Оваа ревија е инспирирана од спортот, музиката и модата во Битола. Битола е град на спортот и музиката со долга традиција. Исто така градот има изобилство на талентирани уметници и огромен број на познати музичари и изведувачи кои настапуваат на големи сцени што се инспирација за креаторката Зулевска.
Модната ревија има две колекции по 15 уникатни модели: едната колекција е составена од спортски тренерки, кои се повеќе наменски поради својата уникатност. Тие ќе можат да се носат и на спортските терени но и во секојдневието, затоа што ќе бидат прилагодени и за денски и вечерни активности; другата колекција е составена од сценски/ свечени модели или уникатни парчиња кои ќе бидат наменети за настапи и изведби на сцена, секое парче изрботено со посебен печат и изразена индивидуалност.
Спој на спортски стил и модерна елеганција, фузија на стилови кои често можат да бидат забележани по Широк Сокак. Битола е град на модата. Битолчани и битолчанки сакаат да бидат дотерани и да изгледаат убаво и модерно во секоја прилика. Следејќи ја модната традиција оваа ревија ќе даде допринос во уникатноста и визуелниот изглед на битолчани, вешто избегнувајќи ги модните трендови кои ја искривуваат сликата на вистинските вредности.
0 Comments