
Магична вечер на 21.03.2024 во КИЦ на изложбата на препознатливата битолска фотографка Ивона Кочов. Отворањето на изложбата беше крунисано со танцова уметничка порака на Анастасија Центар, преку главната инспирација за делата на Ивона Кочов, нејзината ќерка – Вероника Кочов. Таа на посебен начин ја долови приказната на самата изложба, меланхолија на крајот добива убавина и станува утеха. Нејзините дела длабоко го доловија животот низ времето во овој мистичен град. Вероника долги години е дел од програмата за музичка и танцова терапија на Анастасија Центар и има безрезервна поддршка од сите членови на центарот.


Родена е во 1975 г. а за фотографијата се заинтересирала од нејзиното детство кога често ја посетувала импровизираната лабараторија на нејзините татко и стрико. На почетокот од 90-тите години почнува да фотографира со обичен аналоген фотоапарат кога и се запознава со Атанас Нашоку Саку, признат битолски и македонски фотограф од постарата генерација, кој пријатно изненаден од нејзината желба за фотографирање, ѝ подарува фотоапарат „Зенит“. По неколку години интензивно фотографирање, поради недостиг на средства за развивање на филмовите како и обврските кон факултетот, настапува период на децениска стагнација.


Со појавата на дигиталната технологија се враќа и нејзиниот интерес кон фотографијата најпрво преку најобичен компактен фотоапарат (2009 г.), а потоа и со купување на DSLR „Никон“ фотоапарат (2013 г.) започнува со малку посериозен пристап кон уметничката фотографија. Тоа резултира со зачленување во Фото-кино клуб „Битола“ и со многу поинтензивна работа која наредните години ќе ѝ донесе забележителни резултати.









Кочов е добитник на голем број на награди, од кои се издвојуваат: Бронзен медал за фотографија на изложбата „Улица“ (2015 г.); Бронзен медал на манифестацијата „Денови на македонската фотографија“ (2015 г.) за поединечна фотографија и за колекција; Прва награда на изложбата „Со љубов од Битола“ (2015 г.); IAAP сребрен медал на меѓународниот натпревар „View Point“ (2015 г.); Бронзен медал на меѓународниот натпревар „Photo Story“ (2016 г); IAAP диплома и НФУМ диплома на меѓународниот натпревар „Play“ (2016 г.); Диплома за поединечна фотографија на „Денови на македонска фотографија“ (2017 г.) и др.



Љубителите на фотографијата имаа можност да погледнат 39 фотографии, 2 од нив се од времето кога Ивона фотографираше на филм од 1994. Нејзиното будно око ги забележува убавините околу нас преку фотообјективот и создава приказни кои предизвикуваат воодушевување.
Анастасија Центар се долгогодишни соработници и поддржувачи на Ивона Кочов, уште од нејзините почетоци, безрезервно верувајќи во нејзиниот уметнички талент и бескрајно радувајќи се за сите нејзини успеси и достигнувања.
0 Comments